• muzejprilep@muzejprilep.org.mk | ул. ,,Александар Македонски'' бр.400 | Прилеп, Република Северна Македонија | www.muzejprilep.org.mk |

АРХИТЕКТУРА ВО ПРЕРОДБЕНСКИОТ ПЕРИОД

Еден од бројните споменици на културата од периодот на преродбата во првата половина на XIX век е црквата “Св. Благовештение” , позната како Стара црква во Прилеп. Изградена од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година, претставува трикорабна базилика со три полукружни апсиди на источната страна. Над јужниот и северниот брод се изградени галерии, а над западниот портал исто така е изградена галерија која претставува простор за црковниот хор. Најголема вредност во ентериерот е резбата. За таа цел повикани се најдобрите и најпрочуени копаничари од дебарскиот крај, тајфата на Петре Филипоски - Гарката. Изработен е монументален иконостас, владички престол и амвон (певница), кои претставуваат врвни дела од културното богатство на Македонија. Старата чаршија во Прилеп е урбанистички комплекс којшто својот најголем подем го има во втората половина на XVIII и почетокот на XIX век, кога Прилеп бил развиен трговски и занаетчиски центар. Во втората половина на XIX век, после серијата пожари коишто ја зафатиле чаршијата во 1854 година, во 1866 година и во 1873 година, економската и трговската моќна Прилеп опаѓа. Денешниот изглед чаршијата го добива во втората половина на XIX и првата половина на XX век, а комплексните проблеми коишто го исполнуваат општественото живеење во овој период, исполнето со кризни состојби на сите нивоа од општествените структури, предизвикале девалвирање на естетските и функционалните специфики на чаршијата. Саат кулата е изградена во центарот на Старата чаршија во 1858 година на местото на постара дрвена Саат кула, којашто изгорела во пожар што ја зафатил целата Стара чаршија во 1854 година. Ја изградил познатиот прилепски мајстор Петре Лауцо со неговата тајфа. Градена е на шестоаголна основа со масивни делкани камени блокови во висина од 20,50 м и скелетен систем од дрвена конструкција. Вкупната висина на објектот е 38,76 м. Интересен податок за Саат кулата во Прилеп е тоа што таа има инклинација од 114, 4 см., поради што е во тек изготвување на студија за конструктивна консолидација на нејзиниот надземен дел. Во 1985 година е изготвен Проект за конзервација на Саат кулата, а во 1986 година процесот на конзервација беше реализиран.