• muzejprilep@yahoo.com | ул. ,,Александар Македонски'' бр.400 | Прилеп, Република Северна Македонија | www.muzejprilep.org.mk |

РЕФЕРАТ ЗА МАТЕРИЈАЛНА КУЛТУРА

Збирки од материјалната култура Предметите од материјалната култура во Одделението за етнологија во рамките на Рефератот за материјална култура се поделени во неколку збирки, од кои некои импонираат со својата бројност: Збирка на предмети од метал, Збирка на накит, Збирка на предмети од текстил, Збирка на предмети од керамика и Збирка на предмети од дрво.

Збирка на предмети од метал

Збирката на предмети направени од неплеменити метали е најбројна и е составена од предмети од стопански карактер и предмети кои секојдневно се употребувале во домаќинството во XIX и XX век. Во предметите од стопански карактер се вбројуваат алати од занаетчиството, при што се издвојуваат комплетните работилници за казанџискиот, пагурџискиот, ковачкиот, фотографскиот занает со нивни производи. Останатите предмети од оваа збирка се употребувале во домаќинството, од кои најбројни се производите на казанџискиот занает. Со мал исклучок на предмети од импорт, поголемиот дел од предметите од оваа збирка се дело на прилепските занаетчии.

Збирка на накит

Оваа збирка содржи предмети кои се употребувале за украсување на човекот и облеката кое има долга традиција кај нашиот народ. Посебно украсувањето на облеката, како во селските така и во градските средини, беше многу застапено с# до третата четвртина на XX век. Предметите кои ги содржи оваа збирка направени се од племенити и полуплеменити метали, доукрасувани со скапоцени или полускапоцени камења. Поголемиот дел на предмети од оваа збирка исклучиво се изработка на прилепските мајстори, кои во некои сегменти го достигаат мајсторството на занаетчиите од позначајните занаетчиски центри на Балканот.

Збирка на предмети од текстил

Предметите од оваа збирка се поделени во два главни дела: носии и други предмети од текстил. Главната одлика на една традиционална култура најдобро е изразена преку народната носија, која е застапена во поголем дел од оваа збирка. Носиите според нивното потекло се делат на две групи : селска и градска носија. Селската носија ја одликува богатиот колорит на везот и е исклучиво од домашно производство. Градската носија е дело на прилепските мајстори, а помал дел е од импорт. Во оваа збирка спаѓаат и свештеничката облека на Архиепископот Охридски и Македонски Г. Г. Ангелариј, како и килимите кои се дело на прилепската жена.

Збирка на предмети од керамика

Најзастапени покуќнински предмети во секојдневниот живот, како во селото така и во градот биле предметите изработени од керамика. Збирката содржи во поголем број предмети за секојдневна употреба со едноставна форма и лесни за изработка, како и украсни предмети наменети за свечени моменти. Поголемиот дел на предмети од оваа збирка се од импорт од блиските грнчарски центри, додека помал број се производ на прилепските грнчари.

Збирка на предмети од дрво

Шумите како природен ресурс кои ги опколуваат градот и околните села даваат природен материјал кој нашиот човек го користи од дамнина за изработка на предмети за секојдневна употреба, како во стопанството така и во домаќинството. Збирката на предмети од дрво е најмала по бројност и во поголем дел содржи предмети од стопански карактер, а во помал дел предмети кои се употребувале во домаќинството. Предметите се од домашно и занаетчиско производство.

Истражувачка дејност

Покрај другите активности во истражувачката дејност на Одделението за етнологија, главен акцент е ставен врз истражувањето на занаетите кои се на изумирање или повеќе ги нема во прилепската чаршија. Занаетите во минатото, посебно во XIX век, биле главниот економски двигател на градот. Од прилепските летописци од овој период дознаваме дека во прилепската чаршија имало над 38 занаети организирани во еснафи, од кои за одбележување се: казанџискиот занает со 38 дуќани, ковачкиот занает со преку 60-70 дуќани, кантарџискиот занает чии производи биле барани како најдобри во целата тогашна Отоманска империја и други занаети. За најстар податок за еснафско уредување на некој занает дознаваме од “Кодикот на манастирот Трескавец” од крајот на XVIII век и тоа за ќурчискиот занает. Нагорниот развој на еснафите и економскиот напредок на градот кулминирал со познатиот прилепски Панаѓур од средината на XIX век, кој непрекинато траел 25 години. Овој во почетокот мал Панаѓур од локални рамки, постепено прераснува во меѓународен, на кој доаѓале трговци и занаетчии од цела Европа и Блискиот исток. Користејќи ја оваа можност, домашните занаетчии разменувале искуства со занаетчии од другите градови и земји. Со згаснувањето на Панаѓурот и наглиот прилив на индустриска роба од Европа, започнува постепеното одумирање на занаетите. Тоа одумирање нагло се забрзува од половината до третата четвртина на XX век, за да денес на почетокот од XXI век има само неколку занаетчиски дуќани во прилепската чаршија. Како пример би го навеле ковачкиот занает, кој од некогашните 60-70 дуќани денес е останат само со еден дуќан. Согледувајќи ја оваа ситуација со занаетчиството во Прилеп, Одделението за етнологија во изминатиот период врши интензивни истражувања на занаетите кои биле застапени во прилепската чаршија. Со досегашните активности истражени и документирани се следниве занаети: кантарџискиот, секирџискиот, ковачкиот, ножарскиот, казанџискиот, гајдаџискиот, кожуварскиот, јорганџискиот, самарџискиот, бочварскиот, ортомџискиот, наланџискиот и дел од грнчарскиот занает. Истражувањата за некои од овие занаети објавени се во посебни стручни трудови.