• muzejprilep@muzejprilep.org.mk | ул. ,,Александар Македонски'' бр.400 | Прилеп, Република Северна Македонија | www.muzejprilep.org.mk |

ИСЛАМСКА АРХИТЕКТУРА

Во текот на повеќевековното турско владеење во Прилеп изградени се поголем број објекти кои припаѓаат на исламската архитектура. За жал, денес се зачувани само неколку од нив. Скршена џамија е најстара џамија во градот, изградена непосредно по неговото освојување од страна на турците. Тоа е мала подкуполна градба со квадратна основа и со минаре, со сталактитна орнаментика карактеристична за периодот во кој што е градена. Џамијата денес е во лоша состојба. Во центарот на Прилеп во една урбанистичка целина со Саат кулата, во комплексот на Старата чаршија се наоѓа Чарши џамија. Изградена за време на владеењето на султанот Мехмед Втори Освојувач, односно за време на Брусанскиот стил, претставува наједноставна форма на џамија од тој период. Градена е во неколку фази. За првата фаза се дознава од сочуваниот автентичен натпис со арапско писмо на турски јазик, кој меѓу другото кажува дека џамијата е изградена 1475 година. И минарето денешниот изглед го добило во неколку фази на градба. Со постамент на полигонална основа, висина од 25 метри, украсено со два шерефети, минарето на Чарши џамија е редок пример на исламската архитектура во Македонија. Во текот на изработката на Проектот за конзервација во 1988 година, извршени се комплетни сондажни испитувања, при што се констатирани фазите на изградба. Во 2001 година џамијата е опожарена, а во тек е изработка на проект за реставрација и конзервација. Турскиот амам е изграден во XIX век, но постојат извесни индиции дека делови од објектот се постари. Амамот претставува интересен пример на чифте амам, кој што до пред дваесеттина години функционираше со својата автентична функција. Објектот во моментов се наоѓа во многу лоша состојба. Со деталниот урбанистички план на централното градско јадро се предвидува турскиот амам да се пренамени во модерен галериски простор.