Во 1981 година со прераснувањето на Народниот музеј - Прилеп во Завод за заштита на спомениците на култура, природните реткости и Музеј, основано е и Одделение за правна заштита на спомениците на култура, односно правната заштита на спомениците на култура станува една од основните дејности во новоорганизираната институција и е во непосредна поврзаност со останатите стручни дејности.

Во ова одделение се извршуваат следните активност : издавање претходни одобренија за урбанистичка согласност, издавање одобренија за градба, издавање привремени забрани за изведување работи на археолошки локалитети, давање претходни мислења на матичниот Завод за заштита на спомениците на културата, за археолошки истражувања од страна на научна установа, издавање согласности и одобренија за превземање дејствија за конзервирање, реставрирање и реконструкција на спомениците на култура, изготвување одлуки со барања за запирање на работи за непостапување по издадени дозволи, укажување на имателите на спомениците на културата поради несоодветни и неправилни интервенции на истите, поднесување пријави до Градежна инспекција за запирање или уривање на бесправни градби, издавање одобренија за посета, снимање и истражување на спомениците на културата на подрачјето на Општина - Прилеп, прибирање документи за сопственост и учество во постапки од имотно правните работи за спомениците на културата, изготвување договори за потребите на спомениците на култура и учесто во работата на Комисија за прогласување и губење на својство споменик на културата.

Одделението исто така, изготвува правни акти кои произлегуваат од позитивните прописи за јавни набавки, ги следи позитивните законски прописи од областа на заштитата на спомениците на култура, води управна постапка и учествува во изработката на сите акти од областа на правната заштита и ја застапува установата во спорови во врска со спомениците на култура, како и во сите спорови кои произлегуваат од нејзината работа.

Последните неколку години Одделението за правна заштита го реализира проектот “Планиран и непланиран увид на културното наследство на подрачјето на Општина Прилеп за донесување и издавање на Решенија за прогласување споменици на културата” , со кој ќе се овозможи валоризација и ревалоризација на статусот на позначајните споменици на култура.

Денес во Фондот на споменици на културата при НУ Завод и Музеј - Прилеп регистрирани се вкупно 28 недвижни споменици лоцирани во Прилеп и неговата поширока околина и истите се систематизирани, како по периодот на нивното настанување, така и по стилско естетските, урбани и природни карактеристики.

Споменици на култура - археолошки локалитети

- археолошки локалитет Стибера,

село Чепигово

- археолошки локалитет Градиште,

село Дебреште

Споменици на култура од сакрална архитектура

- црква “Св. Никола” , Варош

- црква “Св. Димитрија” , Варош

- црква “Св.Богородица Пречиста” , Варош

- црква “Св. Петар” , Варош

- црква “Св. Атанасие” , Варош

- манастир “Св. Архангел Михаил”, Варош

- манастир Трескавец со црква “Успение Богородичино”

- манастир Зрзе со цркви “Св. Преображение” и “Св.Петар и Павле”

- црква “Св. Никола” , село Зрзе

- црква “Св. Никола” , село Манастир

- манастир Слепче со црква “Св. Никола”

- црква “Св. Богородица”, село Костинци

- црква “Св. Благовештение” , Прилеп

Споменици на култура од исламска архитектура

- Чарши џамија, Прилеп

- Скршена џамија, Прилеп

- Турска бања, Прилеп

- Амам бања (Амам Темемеле), Прилеп

- Куршумли ан, Прилеп

Споменик на култура од профана архитектура

- Саат кула, Прилеп

Споменик на култура од рурална архитектура

- Спомен дом “Блаже Конески” ,

село Небрегово

Споменици на култура - урбанистички комплекси

- Споменичка целина Стара Чаршија,

Прилеп

- Споменичка целина Варош

Споменик на култура - културен предел

- Културен предел Маркови кули

Споменици на култура од НОВ

- Парк на револуцијата, Прилеп

- Меморијален музеј “11 Октомври 1941” ,

Прилеп

- Меморијален музеј

“Кузман Јосифоски – Питу” , Прилеп

Раководителот од Одделението за правна заштита редовно партиципира со стручни трудови на советувања и симпозиуми од областа на заштитата на спомениците на култура, учествува со забелешки, мислења и ставови во работата на јавни трибини по нацрти и предлози за донесување на закони од областа на заштитата на спомениците на култура. Значајна е и востановената соработката и членство во стручни граѓански здруженија од областа на заштитата на културното наследство, како што се Македонскиот национален комитет за споменици и места - ИКОМОС и Македонскиот национален комитет на музеите - ИКОМ.