Одделение за архитектура

Одделение за архитектура

Концентрацијата на богато архитектонско културно наследство во Прилеп и неговата околина ја иницира потребата од формирање на Одделение за архитектура во рамките на Народниот музеј во 1981 година. Состојбата на спомениците на култура во поширокото прилепско подрачје наложувала, во еден подолг временски период пред 1981 година, врз нив да се извршат истражувачки и конзерваторски работи. Така, стручни екипи од Републичкиот завод за заштита на спомениците на култура - Скопје интервенирале на црквите “Св. Никола” во Варош (1961 година), “Св. Никола” во село Манастир, Мариово (1965-1970 година) и “Св. Архангел Михаил” во Варош (1980-85 година).

Повеќе...

Византиска архитектура

Црквата “Св. Никола” во Варош е еден од најзначајните објекти во Македонија од византинскиот период, од чии фасади лесно може да се согледаат две градителски фази. Првобитната, мала еднокорабна црква изградена од камен со користени антички сполии, била подигната околу 1200 година. Втората градителска фаза, односно денешниот изглед на црквата со богата керамопластична декорација на фасадите датира од 1298 година и е одраз на карактеристичните движења во доцно - византиската архитектура.

Повеќе...

Поствизантиска архитектура

Црквата “Св. Илија” во село Долгаец е прво и целосно архитектонско остварување во раните години на турското владеење. Таа е мала еднокорабна гробишна црква, во основа со трапезоидна форма, рустично ѕидана со камен во варов малтер. На источната страна завршува со плитка правоаголна апсида, покриена со камени плочи. Карактеристична е и по сводот од троделен лак и обидите за декорација на јужната фасада со кршен камен во форма на рибина коска. Црквата е изградена и живописана 1454/5 година.

Повеќе...

Архитектура во преродбенскиот период

Еден од бројните споменици на културата од периодот на преродбата во првата половина на XIX век е црквата “Св. Благовештение” , позната како Стара црква во Прилеп. Изградена од познатите прилепски мајстори Коста Лауцо и Ристе Тасламиче во 1838 година, претставува трикорабна базилика со три полукружни апсиди на источната страна.

Повеќе...

Исламска архитектура

Во текот на повеќевековното турско владеење во Прилеп изградени се поголем број објекти кои припаѓаат на исламската архитектура. За жал, денес се зачувани само неколку од нив.

Скршена џамија е најстара џамија во градот, изградена непосредно по неговото освојување од страна на турците. Тоа е мала подкуполна градба со квадратна основа и со минаре, со сталактитна орнаментика карактеристична за периодот во кој што е градена. Џамијата денес е во лоша состојба.

Повеќе...

Градска архитектура

Градската архитектура е сконцентрирана во централното градско подрачје и е поделена на две групи. Првата група се објекти од крајот на XIX век, изградени во духот на традиционалната македонска архитектура, а во втората група спаѓаат објекти изградени во почетокот на XX век со примеси на европските стилови. Најзначен објект од втората група на објекти е куќата на Бектешовци, којшто обилува со многу убави детали на фасадите и ентериерот.

Повеќе...

Спомен дом „Блаже Конески“

Објектот Спомен дом “Блаже Конески” во село Небрегово, како значаен споменик на културата, припаѓа на руралната архитектура. Неговата концепција е одраз на времето, просторот и поднебјето во кој е создаден и по сите проценки е изграден кон крајот на XIX век или на почетокот на XX век. Тоа е куќа на кат, објект од т.н. затворен тип, без посебно издвоен отворен дел од чардак. Помошните објекти кои го заокружуваат економскиот живот на домаќините се лоцирани периферно на парцелата.

Повеќе...