НУ Завод и Mузеј - постојана археолошка поставка

Развојот на Народниот музеј - Прилеп, денес НУ Завод и Музеј - Прилеп, е долгогодишен, макотрпен, со голем ентузијазам на сите вработени, за да се дојде до степен на висок рејтинг, не само во нашата земја, туку и надвор од неа. Нашата установа беше, и е носител на голем број научно-истражувачки и конзерваторски проекти, организатор на голем број изложби и културни манифестации и расадник на стручни кадри кои учествуваат во реализација на најразлични проекти во Република Македонија, поранешна Југославија, но и во европските земји, особено оние кои ја развиваа словенската археологија.

адреса: ул. Александар Македонски бр. 142

Музеј за тутун

Експонатите за уживање на тутун во Музејот за тутун се претежно откупени од разни институции и поединци од цела Европа, мал дел од Азија и Африка, еден дел се ископани на археолошки локалитети во Белград, Скопје, Битола, Прилеп, Љубљана, Фромбок и Варшава, а во минимален дел се резултат на поклонување. Голем број од експонатите се вистински раритет. Поради сето ова, Музејот за тутун - Прилеп во исто време е меѓународен, уметничко - занаетчиски, мануфактурен и индустриски, репрезентативен, скап.

Меморијален музеј „11ти октомври 1941“

Во Сала 1 прикажана е историјата на Прилеп и прилепско до 1940 година и тоа Преродбенското движење, Илинденскиот период, Балканските војни, Првата светска војна и периодот помеѓу двете светски војни. Во Сала 2 презентирани се настаните по априлската војна во 1941 година, окупацијата на Македонија, до почетокот на вооруженото востание во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во Сала 3 музејската поставка е посветена на настаните од 11 октомври 1941 година, со фотографии на борците кои го извршиле вооружениот напад на Участокот, на затворот и на телекомуникационата мрежа. Во оваа сала се поместени и фотографиите на борците на месноста “Црвени стени” и од одредот “Гоце Делчев”.

адреса: ул. Илинденска бб

Галерија на икони

Со одлука на Собранието на СИЗ за култура на општина Прилеп од 08.10.1979 година во состав на Народниот музеј - Прилеп влегува и Меморијалниот музеј “Кузман Јосифоски - Питу” , со Постојана изложбена поставка Галеријата на икони, со што Заводот и Музеј - Прилеп го зголеми бројот на своите постојани музејски поставки. Оваа галерија, како со уредениот енетриер, така и со вредноста на изложените експонати е една од најрепрезентативните во Република Македонија. Во неа се изложени 66 извонредни икони од црквите и манастирите од поширокиот прилепски регион, како и друг музејски материјал поврзан со христијанската религија.

Спомен дом Блаже Конески с.Небрегово

Објектот Спомен дом “Блаже Конески” во село Небрегово, како значаен споменик на културата, припаѓа на руралната архитектура. Неговата концепција е одраз на времето, просторот и поднебјето во кој е создаден и по сите проценки е изграден кон крајот на XIX век или на почетокот на XX век. Тоа е куќа на кат, објект од т.н. затворен тип, без посебно издвоен отворен дел од чардак. Помошните објекти кои го заокружуваат економскиот живот на домаќините се лоцирани периферно на парцелата. Она по што посебно се издвојува оваа куќа е фактот што во неа се родил великанот на македонската книжевност и литература Блаже Конески, чие дело и личност заслужува посебен пиетет.

Меморијален музеј Кузман Јосифоски - Питу

Музејската историска и етнолошка поставка е сместена во три простории на 60 m?, во кои се прикажани детството и револуционерната дејност на Кузман Јосифоски-Питу. Во гостинската соба е изложена историската поставка од фотографии од неговото детство, од ученичките денови во основното училиште во Прилеп и Битолската гимназија, како и од времето додека студирал во Белград; писма со историска содржина, преписки со ПК на КПЈ, подоцна ЦК на КПМ и преписки со месни партиски раководства; напредна литература што ја читал во свое време и други експонати.